Friday, February 20, 2015

ПСИХОМОТОРНА РЕЕДУКАЦИЈА

 
Психомоторна реедукација е термин кој го означува терапискиот правец чија основа ја чинат телото и движењата.
 
Моторниот развој на детето има големо значење уште од најраната возраст. Дразбите од средината кај детето предизвикуваат чувства на пријатност или непријатност, а секоја ваква промена е проследена со одредено ниво на мускулна напнатост и моторна активност.
Сетилата, чувствата, движењата и интегративните функции на мозокот се тесно поврзани со телото. Тоа претставува извор на задоволство, а преку првите движења се открива сопственото постоење, се остварува доживување на своето тело и телото во просторот. Истовремено, тие движења ја претставуваат и првата шема на искуства за себе, за светот кој не опкружува и за себе си во тој свет. На ваков начин се формираат првите обрасци на однесување кои ќе претставуваат пат за остварување комуникација и развој на сознајните функции. 
 
 
 
 
Во психомоторната реедукација се користи движење кое е поврзано со говор, допир и игра, со што плански и систематски се делува на развивање на моторните, когнитивни, емоционални и говорно-јазични способности. Преку движењата детето се запознава себе си, своето тело и другите во однос на себе и така станува свесно за своето постоење во просторот и ги зацврстува просторно-временските односи, а преку моторните активности развива и потреба за дружење, комуникација и социјализација.
 
Движењето, погледот, допирот, гласот и говорот, кои се составен дел на психомоторната реедукација, имаат за цел да му помогнат на детето да го надмине или ублажи проблемот со кој се соочува. Движењата преточени во вежби се прилагодени на способностите и можностите на детето и се поврзани со предизвикување пријатни искуства и создавање сигурност и доверба. Секое движење и секоја вежба која се изведува, јасно се именува и опишува. Во изведувањето на вежбите нема редослед, ниту шематизирана постапка. Вежбите се применуваат индивидуално и групно и се изведуваат во ненатпреварувачка средина.
 
Реедукацијата на психомотриката се применува во третман на деца со дисхармоничен развој, диспраксички потешкотии, первазивни развојни нарушувања, интелектуална попреченост, говорно-јазични проблеми и проблеми во однесувањето, како и кај хиперкинетско однесување и специфични проблеми во учењето и училишните вештини.
 
ПЗУ КАЛИНКА Центар за Ментално здравје и Аутизам
Бул. Партизански одреди 149- мезанин, Порта Влае 1000, Скопје
Тел.    02 20 60 196
            02 613 7414
Моб.   072 23 23 63
е- мејл: info@kalinka.mk
 
 

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.