Saturday, September 13, 2014

ПСИХОТЕРАПИЈА – БАЗИЧНИ ПРИНЦИПИ И БЕНЕФИТИ


            Живееме во време на динамика, брзина и преоптеретеност со тековните обврски и грижи. Поголемиот дел од луѓето во таа бесконечна трка го губат контактот со себе и своите најблиски. Брзината е главен критериум кој го детерминира денешното темпо на живот, па таков е и ставот кон решавање на тековните проблеми кои се појавуваат.
            Не е изненадувачки што кога ќе се појават психолошките проблеми и тегоби сакаме да ги решиме одеднаш со пиење на една таблета без вистински да се соочиме со проблемот и  самите со себе. Кој би сакал да стекне увид, соочување со непријатните делови од сопствената личност или да научи нови однесувања, кога таблетата ќе донесе брзо ослободување од напнатоста, но дали истата го решава нашиот живот, дали ги решава нашите проблеми?
            Ова е главната причина поради која медикаментозниот третман стана најпопуларен вид на терапија во последните неколку децении. Таблетите ослободуваат делумно од психолошки тегоби и симптоми но не ги решаваат проблемите. Вистинското решавање на  истите може да настане само во процес на психотераписка релација со адекватен временски лимит и посветеност. 





 Психотерапијата е процес на третман која вклучува посебен вид на релација помеѓу пациентот/ клиентот со психолошки тегоби и психотерапевтот. Во главно целите на овој тераписки процес се следните:
  1. ослободување од симптомите
  2. поправање на психолошка штета
  3. надминување на препреки во психолошкиот или социјалниот развој
  4. стимулирање на развојот на  нивоата со застој во личноста

Направената екстензивна ревија  (Smith & Glass) на приближно 400  контролирани евалуации на психотерапии покажа уверливи докази за ефективноста на психотерапијата.  Поновите интернационални студии како таа на Novey, 2002 на 932 испитаници покажа дека ефективноста на психотерапијата која траела повеќе од 6 месеци била значително поефикасна од онаа која траела пократко од 6 месеци и дека ефективноста на терапевтите кои применуваат Трансакциона анализа била сигнификантно поефикасна за разлика од сите други од групата на професионалци од Consumer Reports (p < 0.001) (Seligman, 1995).
            Терапискиот исход сепак исто зависи и од претходно постоечките фактори во пациентот. Психолошката болка, кризата и верувањето дека терапевтот е компетентен и моќен се важни предиктори на успешен исход.
            Истражувачите потенцираат дека важни фактори во терпискиот процес се и одредени карактеристики на терапевтот како што се неговата способност за контакт, прифаќање, емпатија и конгруентност како и фактот дека оние  терапевти кои имаат поголеми капацитети за прилагодување и формирање на длабока човечка релација од доверба за сигурно ќе обезбедат најдобри резултати.


             Психотерапијата предизвикува позитивни резултати во две третини до три четвртини од пациентите и допринесува кон позитивни промени најчесто во однос на отсуство на терапија.
Од друга страна само кај мал процент од 5- 10 % се бележат негативни ефекти кои се веројатно резултат на недостаток на вештина, недостаток на искуство или лични проблеми од страната на терапевтот.  
            Терапиите се разликуваат меѓу себе во зависност од тоа што нагласуваат како куративен ефект во тек на процесот, внатрешен увид, емпатија, корективно емоционално искуство, идентификација, свесност, абреакција се сите потпомагачи на тој процес.
Тие исто така се разликуваат и во однос на тоа кој е објектот на третман: индивидуа, пар, семејство или група.
            Изборот на тераписките интервенции е различен, но од најголемо значење е релацијата меѓу терапевтот и клиентот.
 Тераписките елементи кои ги вклучува оваа релација се:
ñ  Клиентот да чувствува дека тој/таа не е сам
ñ  Дека е разбран
ñ  Дека е прифатен и вреден
ñ  Имплицитна  сугестија дека клиентот не е безнадежен
ñ  Идентификација на клиентот со некои од најуспешните техники и однесувања на терапевтот
ñ  Катарза
ñ  Десензитизација преку повеќекратно минување преку некој проблем
ñ  Кларификација (слушање на себе како зборува за некој проблем и почеток на гледање на истиот на нов начин)
ñ  Добивање на ново корективно емоционално искуство (со оглед на тоа дека терапевтот реагира на подруг начин од оној кој го очекува клиентот во однос на другите личности од неговото опкружување)
ñ  Стекнување на когнитивна мапа (разбирање) преку идеи, примери или себе- откривање




           
            Најголемиот дел од тераписката работа се  состои во помагање на клиентот да добие нови искуства,  да открие постоење на нови опции или да донесе нови одлуки за себе и светот кој го опкружува. Во главно терапевтот се обидува да го оспособи клиентот да открива нови работи за себе или неговата состојба, истовремено интелектуално и емоционално; да го пробуди емоционално и поттикне да вежба и применува нови однесувања во светло на  работи кои ги научил во процесот.





КЛАСИФИКАЦИЈА НА ТЕРАПИИТЕ
                                                              
Во однос на целите тие можат да бидат:

  1. Супортивни: Целта на овие е да му се помогне на клиентот да го помине/истолерира периодот на стрес или да продолжи да функционира колку што  е можно подобро. Најголемиот дел од работата на советниците и едукаторите е на ова ниво.
Фокусот е на давање совет, вентилација, емпатија, решавање на проблем и менаџирање со околината. Наменета е за да ги зајакне механизмите на одбрана на  клиентот. Главните тераписки фактори се обезбедување на структура и реални информации , идентификација со терапевтот и наоѓање утеха во магиските фантазии за моќта и грижата на терапевтот.

  1. Симптоматски: Ослободување од симптомите и повторно воспоставување на хомеостаза. Медикаменти наменети за таргет симптомите (депресија, анксиозност, несоница) катарза, специфични бихејвиорални техники и решавање на проблемот спаѓаат во оваа категорија.

  1. Реконструктивни и интегративни: Целта на овие терапии е реорганизација и реструктурирање на  личноста и треба да ја изведуваат исклучиво психотерапевти со соодветна наобразба кои се лично и професионално компетентни.

            Дијапазонот на делување е огромен, секојдневни проблеми во живеењето, проблеми на работното место, брачни проблеми до состојби на посериозни психолошки потешкотии се потенцијални теми на еден тераписки процес од кој можат да се добијат огромни бенефити по личноста и сите аспекти на нејзино функционирање, се до зголемување на личните потенцијали и перформанси и надминување на тесните лимити кои ја ограничуваат личноста.
Барањето помош преку психотерапија веќе не е стигма, напротив тоа е состојба на повисока свест и одговорност кон себе, луѓето од нашето опкружување и животот кој го живееме. Базичната тенденција на човекот е да се стреми кон личен раст, развивање на сопствените потенцијали и надминување на препреките со цел подобрување на квалитетот на живот и остварување на себереализација.





ПЗУ КАЛИНКА Центар за Mентално здравје и Aутизам
Бул. Партизански одреди 149- мезанин, Порта Влае 1000, Скопје

Тел.    02 20 60 196
02 613 7414
Моб.   072 23 23 63
е- мејлinfo@kalinka.mk

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.